Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше пресреќен по пласманот во финалето во Лигата на шампионите. Вчера „црвените“ беа поразени со 2:4 од Рома на „Олимпико“, но ќе патуваат во финалето во Киев по триумфот од 5:2 дома и вкупен резултат 7:6. Германецот на пресот по натпреварот изјави дека неговиот тим правел грешки и треба многу што да подобруваат во одбраната. Но, смета дека пласманот во финалето е заслужен. - Момчињата го заслужија пласманот поради целата наша сезона. Покажавме карактер, а фудбалот ни е едноставно луд. При вкупен резултат од 7:6 за нас, тоа е буквално неверојатно. Знам дека секој ќе ме потсети на тоа дека ги изгубив последните пет финалиња, но животот е таков. Единствената шанса да го освоиш финалето е да излезеш и да се обидеш да победиш, изјави Клоп по натпреварот. Менаџерот го пофали и својот противник за пласманот во полуфиналето и прикажаната игра. - Рома заслужува огромни комплименти, како и Еузебио ди Франческо за завршената работа. Тие се навистина многу добар тим, кој игра многу добар фудбал. Во италијанскиот фудбал во моментов има неверојатни тимови. Јувентус беше блиску да го елиминира Реал Мадрид, а Рома - нас, додаде Клоп.