Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо на пресот по мечот не посвети многу внимание на ситуацијата од второто полувреме на дуелот со Ливерпул, кога судијата не досуди пенал и црвен картон за игра со рака на Александар Арнолд во шеснаесетникот по удар на Стефан Ел Шарави. Наместо тоа, тој изрази лутина кон своите играчи за многуте промашувања пред противничкиот гол. - Чувствувам гнев и жалење затоа што верував дека можеме да се пласираме во финалето. Изгубивме многу време, моравме да постигнеме повеќе голови, имавме можности за тоа. Меѓутоа, за Рома ова искуство е важно. Колку и да сум разочаран, не можам да не ги пофалам фудбалерите, бидејќи одиграа едно речиси идеално второ полувреме, изјави Ди Франческо. Италијанецот додаде дека „волците“ треба да се фокусираат на освојувањето на Лигата на шампионите во новата сезона. - Ние можеме да направиме повеќе, јас сум убеден. Се разбира, ако судијата досудеше пенал и црвен картон, може ќе беше корисно. Но, и ние направивме грешки и плативме за нив, смета Ди Франческо.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2018 08:39