Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер пред реванш дуелот во полуфиналето на Лига Европа против Атлетико Мадрид, изјави дека на тренерот на „јорганџиите“ Диего Симеоне му требаат уште 16 години за да биде како него. Натпреварот на „Ванда Метрополитано“ почнува од 21:05 часот, а. првиот дуел на „Емирати“ заврши 1:1. - Секој има свој идентитет. Симеоне се обидува да влијае на тимот позитивно. Тој успеа да го стори тоа пред една недела, а судијата одлучи да го избрка, ја прокоментира Венгер емотивната реакција на неговиот колега. На прашањето како се чувствува кога ќе се соочи со новата генерација на тренери, 68-годишниот Венгер вели: „Не размислувам многу за возраста. Симеоне не е многу млад, веќе има многу искуство. Тој освои многу уште пред да оди во Шпанија. Но, заборавам на овие работи и се концентрирам на мојот тим. Симеоне веќе помина шест години, му остануваат уште 16 за да стане како мене“. На крајот на сезоната Французинот ќе се раздели со „топџиите“ по 22 години на чело на тимот.