Една од ѕвездите на Пари Сен Жермен, Единсон Кавани призна дека има тензии помеѓу него и Нејмар, кој пристигна на „Парк де Пренс“ во летото 2017 година. Уругвајскиот репрезентативец даде интервју за француското списание „РМЦ“, каде што искрено сподели за неговиот однос со Бразилецот. - Точно е дека имав проблеми со Нејмар. Му реков дека јас најмногу сакам да освојувам трофеи, но под услов дека прво ги поставувам целите и интересите на тимот. На крајот клубските шефови ја донесоа својата одлука и јас го почитувам тоа, прокоментира напаѓачот. Кавани и Нејмар се судрија есента 2017 година. Двајцата од нив влегоа во отворен спор на теренот за тоа кој ќе изведува пенал во натпреварот против Лион. На крајот, Кавани се избори, но промаши од белата точка. - Јас сум работник, јас не сум ѕвезда. Ако имам колеги во тимот, кои можат да постигнат некој личен успех, ќе им помогнам. Сепак, за мене, секогаш тимот е на прво место, додаде Кавани. Во последните месеци Нејмар не беше на теренот за ПСЖ откако се повреди во дуелот со Олимпик Марсеј во февруари и се подложи на операција во Бразил. Најскапиот играч во историјата (222 милиони евра) се очекува утре да се врати во францускиот главен град.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2018 11:44