Атлетико Мадрид и Олимпик Марсеј ќе се соочат во финалето на Лига Европа.

Атлетико на реванш натпреварот во Мадрид го совлада Арсенал со 1:0 и со вкупни 2:1 обезбеди пласман во борбата за трофејот.

Стрелец на единствениот гол на „Ванда Метрополитано“ беше Диего Коста кој во судиското продолжение на првиот дел погоди за 1:0, што потоа се покажа и како конечен резултат.

Домаќините до крајот на натпреварот имаа уште неколку шанси за погодок, а Арсенал делуваше неубедливо и само еднаш посериозно го загрози голот на Атлетико.

Олимпик Марсеј во драматичниот реванш натпревар во Австрија успеа да го елиминира Салцбург дури по продолженија со 2:1, односно со вкупен резултат 3:2.

Салцбург во регуларниот дел поведе со 2:0 и ја анулираше негативата од првиот натпревар во Франција. Со голот на Хаидара во 53 минута австрискиот тим поведе со 1:0, а во 65 минута по автоголот на Буна Сар предноста беше 2:0.

По регуларниот дел на натпреварот се играа продолженија, а во 116 минута Роландо го постигна голот кој го одведе Олимпик Марсеј во финале.

Финалето во Лига Европа се игра на 16 мај во Лион.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2018 08:30