УЕФА направи сериозна грешка на својата интернет страница прогласувајќи го предвреме Ливерпул за освојувач на овогодишниот трофеј во Лигата на шампионите.

Англискиот клуб обезбеди пласман во финалето на елитното натпреварување, кое ќе биде прво од 2007 година, а според информациите од сајтот на УЕФА навивачите на „Енфилд“ уште сега можат да ја прослават титулата.

На сајтот во делот посветен на Лигата на шампионите беше наведено дека Ливерпул е освојувач на титулата за сезоната 2017/18.

Грешката се појави во одделот „историја“ и на шпански и на англиски јазик, а на фотографијата на која има фудбалери од двата тима финалисти стои натпис „Победник во сезоната 2017/18 - Ливерпул“ заедно со логото на англискиот клуб.

Грешката, која предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, набргу потоа беше отстранета од сајтот.

Финалето во Лигата на шампионите меѓу бранителот на титулата Реал Мадрид и Ливерпул се игра на 26 мај во Киев.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2018 13:58