Претседателот на Наполи Аурелио де Лаурентис, го нападна остро Јувентус, обвинувајќи го клубот дека честопати имал корист од грешките на судиите. Бизнисменот смета дека италијанскиот фудбал не се променил многу од скандалот во „Калчополи“.
- Има проблем со судиите и нивните пресуди за Јувентус. Клубот го води највлијателното семејство во Италија. Тие мораа да се повлечат по „Калчополи“, но ништо не се сменило. Дали очекувате судиите да одат против семејството Ањели, против „ФИАТ“ и да застанат против силните? Пред да го сторат тоа, ќе мора да размислат повеќе од 20.000 пати, изјави шефот на „небесносините“.
Тој смета дека проблемот со лошото судење постои низ цела Европа, не само во Италија.
- Како е можно да не се суди игра со рака на терен? Не знам дали Баерн Минхен ќе беше воопшто елиминиран од Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Што е со Рома? Не беа досудени два пенали за тимот против Ливерпул, додаде италијанскиот бизнисмен за „Газета Дело Спорт“.