Екипата на Мајнц 05 го задржа своето место во германската фудбалска елита и наредната сезона. Тоа стана факт по победата на Мајнц со 2:1 на „Сигнал Идуна Парк“ против домаќините од Борусија Дортмунд во натпревар од претпоследното 33 коло на Првата Бундеслига.
Трите гола во дуелот беа постигнати до 16-тата минута, а во преостанатите 74 резултатот не беше променет и „жолто-црните“ од Дортмунд запишаа пораз во последниот домашен натпревар сезонава.
Средбата ќе се памети и по емоционалното збогување на „жолто-црните“ со легендата на Борусија, Роман Вајденфелер кој става крај на својата кариера по последниот натпревар од сезоната.
Триесете и седум-годишниот голман се обрати кон публиката на „Сигнал Идуна Парк“ пред почетокот на денешниот натпревар, а навивачите му одговорија со кореографија, посветена на него.