Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед Сер Алекс Фергусон, итно бил примен во болница, објавија медиумите на Островот. Седумдесет и шест-годишниот Шкот бил хоспитализиран вчера со хеморагија на мозокот и веќе бил опериран. Информацијата беше потврдена и од самиот клуб.
Фергусон се почувствувал лошо вчера, а утрото било повикано амбулантно возило во неговиот дом за да го однесе во Кралската болница Салфорд.
Операцијата поминала успешно и актуелната состојба на Сер Алекс е стабилна, но тој има потреба од период на интензивна нега, за целосно да се опорави, се вели во официјалното соопштение на Јунајтед.
Поради лошата здравствена состојба на Фергусон, неговиот син Дарен, кој е менаџер на Донкастер Роверс, го пропуштил вчерашниот натпревар на тимот против Виган од последното коло на Лига 1.
Сер Алекс Фергусон е најуспешниот менаџер во историјата на Манчестер Јунајтед. Тој освои 13 шампионски титули на чело на тимот за 26 години и се повлече во 2013 година.