Македонскиот репрезентативец Енис Барди повторно е во фокусот на фудбалскиот свет по новиот гол од слободен удар кој го постигна на натпреварот против Леганес.
Барди стрелаше прецизно од слободен удар на околу 20 метри од противничкиот гол и ја зголеми предноста на Леванте во 59-тата минута откако Моралес го постигна првиот за гостите.
До крајот на натпреварот, Леванте постигна уште еден гол со што запиша три бода на своето конто и математички и практично обезбеди настап во првата шпанска лига и наредната година.
Со овој гол, Енис Барди влезе во топ 5 играчи кои постигнале минимум пет гола директно од слободен удар во текот на една сезона во Шпанската примера. Покрај Барди, ова им успеало и на Мариано Перниа (5 гола од слободен удар, сезона 2004-2005) Маркос Асунсао (5 гола од слободен удар, сезона 2005-2006) Роналдињо (6 гола од слободен удар, сезона 2006-2007) и Лео Меси (6 гола од слободен удар, сезона 2017-2018).