Листата на потенцијални кандидати за функцијата на Арсен Венгер во Арсенал веќе е сведена до петмина, тврдат медиумите на Островот.
Според „Мирор“, Луис Енрике веќе отпаднал поради неговите големи финансиски барања. Во битката остануваат Патрик Виера, Микел Артета, Масимилиано Алегри, Јоаким Лев и Леонардо Жардим.
„Дејли Меил“, пак, тврди дека Енрике се уште е во игра, иако неговата плата не е прифатлива за раководните фактори на „Емирати“. Името на менторот на Монако недостасува на листата.
И двата извора се согласуваат дека шефовите на Арсенал бараат млад специјалист, а веројатноста некој од Виера и Артета да биде назначен воопшто не е мала. Триесет годишниот тренер на Хофенхајм Јулијан Нагелсман исто така има силни позиции на „Емирати“, но не е дел од листата, бидејќи одлучил да остане барем уште една сезона во Германија.
Интересно е дека асистентот на Јирген Клоп во Ливерпул - Жељко Бувач, кој неодамна беше еден од фаворитите на обложувалниците за функцијата, не се наоѓа на споменатите листи.