Фудбалерот на Лацио, Стефан Де Фрај, потпишал пред-договор со Интер во клучен период, кога двете екипи се обидуваат да влезат во Лигата на шампионите, непосредно пред меѓусебниот дуел во Рим во последното коло од Серија А.

Реномираниот италијански весник „Газета дело Спорт“ пишува дека Интер веќе го поднел договорот во седиштето на Лигата и се согласил на холандскиот дефанзивец да му плаќа 4,2 милиони евра во наредните четири сезони.

Де Фрај доаѓа на „Џузепе Меаца“ на 1 јули како слободен агент кога завршуваат неговите обврски кон Лацио, заедно со Лаутор Мартинез од аргентински Расинг и Квадво Асамоа од Јувентус.

„Орлите“ од Рим се во паника бидејќи не знаат како 26-годишниот столб на одбраната ќе се покаже во решавачкиот натпревар со Интер.

Во моментов, Лацио е четврти на табелата во Калчото со два бода повеќе од „неразурите“. Пред тоа, Интер го пречекува Сасуоло, а Римјаните гостуваат кај Кротоне, во претпоследното коло на италијанскиот шампионат.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 12:01