По седум години, патиштата на Серхио Агуеро и Атлетико Мадрид повторно може да се вкрстат. Радио Марка, како ударна вест на денот, објави дека клубот во Мадрид сака да го врати некогашниот миленик на навивачите.

Како што дознава влијателниот медиум, контакти веќе се воспоставени и Аргентинецот не ја отфрлил можноста да се врати од Манчестер во Мадрид. Разговорите се едвај на почеток и може да бидат одолжени за јули, бидејќи Агуеро сака да се фокусира на подготовките за Мундијалот.

Атлетико се подготвува за сценарио ако остане без Антоан Гризман. Барселона полека го „стега обрачот“ околу Французинот, но офанзивниот фудбалер се уште се двоуми и многу работи ќе зависат од исходот од финалето на Лигата на Европа. Освојувањето на пехарот ќе бие во корист на Атлетико и може ќе биде доволна причина тој да остане во клубот и да потпише нов договор.

Меѓутоа, ако реши да го напушти „Ванда Метрополитано“, Атлетико мора да пронајде замена. прво се споменуваше Единсон Кавани, кој е стара желба на Симеоне и со кого исто така е воспоставен контакт преку соиграчите од репрезентацијата Хименез и Годин. Сега опција е и Агуеро.

Аргентинецот замина во Манчестер Сити за 45.000.000 евра во 2011 година, а клубот се надеваше на поголемо обесштетување. Сепак, тој не сакаше да го продолжи договорот и Атлетико мораше да го продаде.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 12:02