Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо рече дека не е особено среќен поради второто место што неговиот тим ќе го освои на крајот на сезоната во Премиер лигата. „Црвените ѓаволи“ одиграа без голови со Вест Хем во Лондон и ќе завршат зад убедливиот шампион Манчестер Сити.

- Ние сме вториот најдобар тим во лигата. Оваа сезона, шест тима се натпреваруваа за титулата во оваа фантастична трка. Јас не сум многу среќен за второто место, бидејќи тоа не е во моја природа. Но, кога сфативме дека не можевме да станеме шампиони, целта беше да завршиме втори, а денес го направивме тоа, рече Мурињо.

Португалецот одби да го критикува настапот на своите фудбалери.

- На полувремето против Брајтон реков дека ќе изгубиме, а денес верував дека ќе победиме. Погрешив, но мислам дека игравме добро. Кон 80-тата минута сфативме дека бод ќе ни биде доволен и само ја доигравме средбата, објасни Жозе.

Специјалниот даде и информации за последниот натпревар за сезоната, кој е во недел против Ватфорд.

- Мајкл Карик ќе биде капитен на „Олд Трафорд“ во последниот натпревар во кариерата. Де Хеа ќе добие пауза и Серхио Ромеро ќе игра. Може да има и други промени, додаде Мурињо.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2018 09:15