Фудбалерот на Манчестер Сити Јаја Туре изјави дека би сакал да остане следната сезона во Премиер лигата и дека парите веќе не се мотив, при изборот на нов клуб.
Туре на крајот од оваа сезона го напушта Манчестер Сити, по осум години и три шампионски титули во Премиер лигата.
- Се разбира дека би сакал да останам во Англија, но потребно ми е време да размислам каде да ја продолжам својата кариера. Во суштина, ќе играм уште една или две години. Заминување во Кина или во Абу Даби за мене е синоним за пари и логично е дека луѓето се посреќни кога заработуваат, но јас не гледам така на работите, рече Туре за „Скај Спорт“.
Играчот од средниот ред, кој во моментов заработува 250.000 евра неделно, се надева дека Сити ќе успее да ја одбрани титулата следната сезона во Премиер лигата, нешто што не им успеа претходните два пати.
- Премиер лигата е најтешката во светот и се надевам дека моите соиграчи следната сезона ќе одговорат на предизвикот и ќе ја одбранат титулата, вели Турје.
Пред Сити, халфот од Брегот на Слоновата Коска играше за Барселона, Монако, Олимпијакос, Металург Доњецк и Беверен.