Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди, по поразот од Сасуоло и изгубената можност за пласман во Лигата на шампионите призна дека неговата иднина во клубот е доведена во прашање.

Интер загуби на домашен терен со 1:2 и на коло пред крајот на сезоната има два бода помалку и натпревар повеќе од четвртопласираниот Лацио.

- На крајот од сезоната ќе разговарам со раководството. Ако е добро за тимот да останам, тогаш ќе останам, ако не тогаш ќе си барам нов клуб. Секогаш го правам она што е најдоброто за тимот и клубот, истакна Икарди .

Капитенот на Интер не губи надеж дека ќе успеат да се изборат за место во Лигата на шампионите, што како цел беше поставено во почетокот од сезоната.

- Разочарани сме. Сакавме победа, но Сасуло одигра одлично. Во почетокот на сезоната бевме извонредни, но потоа паднавме. Цел ни е Лига на шампионите и се надевам дека Кротоне ќе ни пружи можност во директен натпревар со Лацио да се бориме за место во елитното натпреварување, потенцира Икарди.

На Лацио му е потребен само бод против Кротоне за да го обезбеди четвртото место.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2018 20:43