Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, сезонава одлично игра во Премиер лигата и поради тоа е прогласен за најдобар играч во Англија.
Египетскиот фудбалер досега настапи на 35 натпревари во најсилната англиска лига и на едно коло до крајот на сезоната со 31 гол речиси сигурно ќе биде најдобар стрелец во Премиер лигата.
Второрангираниот Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, има три гола помалку од Салах.
- Ова е голема чест за мене и многу сум среќен. Секогаш сакав да се вратам во Премиер лигата и да покажам што умеам пред оние кои зборуваа дека сум промашување додека бев во Челзи, истакна Салах.
Тој потенцира дека не сака да го споредуваат со Лионел Меси и Кристијано Роналдо, бидејќи двајцата играат на врвно ниво над десет години и покажуваат стабилност во играта.
Салах наведува дека тоа треба допрва да го постигне и ако успее ќе му биде мило да го споредат со нив.