Тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри не ја криеше радоста по освојувањето на седмата последователна титула на „бјанконерите“ во Серија А. Таа стана факт вчеравечер, по ремито без голови како гостин на Рома. На овој начин, Јуве собра 92 поени на круг пред крајот, а вториот Наполи има 88. - Среќен сум. Напишавме уште една славна страница во историјата на клубот. Испраќаме многу тешка сезона. Сакам да му се заблагодарам на Наполи затоа што не притискаа до финалето. Мислам дека нашата главна предност беше тоа што во ниту еден момент не го загубивме мирот и довербата, рече Алегри по мечот. Тема во европските и светските медиуми е дали тој останува на чело на италијанскиот гигант, а се чини вчера тој ги поби сите информации за негово заминување. - Ако раководството не ме отпушти, ќе останам следната сезона. Она што е важно е иднината на клубот. Откако прославите ќе поминат, ние мораме да размислиме за сѐ со трезвена глава. Од новата сезона битката почнува од нула и повторно ќе треба да докажуваме дека сме конкурентни, додаде тренерот на „старата дама“.