Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Покетино ќе разговара со претседателот на тимот Даниел Леви следната недела, за да ги разбере плановите на клубот за иднината, откако даде до знаење дека останувањето во тимот од Лондон не е сосема сигурно. Покетино го изведе составот до третото место во Премиер лигата и по третпат во последните четири сезони под негово раководство Тотенхем заврши во топ 3 и ќе игра во Лигата на шампионите. Аргентинскиот специјалист се смета за еден од најдобрите тренери во светот. Во следната сезона „петлите“ ќе се преселат на нов стадион, но Покетино смета дека раководството треба да „преземе одредени ризици“ за да продолжи со развојот на составот во нагорна насока. - Морам да разговарам со претседателот. Имам јасна идеја што е потребно. Не знам дали од раководството на клубот ќе се согласат со мене или не, но следната недела ќе се сретнеме за да разговараме за работите кои треба да ги направиме заедно, за да се обидеме да се подобриме уште. Топката е повеќе во полето на Даниел и на клупската управа. Тие треба да одлучат дали да ги одобрат моите планови, изјави Аргентинецот. Тој додаде дека по четири години во тимот веќе е дојдено времето да се направи следниот чекор, за да може Тотенхем да се бори за големите трофеи. - Во ситуацијата во која сме, треба да бидеме храбри, мислам дека сега е најдобро време клубот да ризикува и да се обиде да биде уште поконкурентен. Сигурен сум дека Даниел ќе ме послуша и ќе ги разбере аргументите. Ќе се обидеме заедно за да го направиме најдобриот концепт за да помогнеме Тотенхем да оди напред, тврди стратегот. Поради строгата политика за плати, екипата може да ги загуби своите најголеми ѕвезди. Минатата сезона, Кајл Вокер се пресели во Манчестер Сити, каде што сега заработува двојно повеќе пари. - Дали јас ќе останам или заминам не зависи само од мене. Тоа во најголем степен е одредено од страна на раководството на клубот и нивната политика, заврши тренерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2018 12:15