Само ден откако Карло Анчелоти беше поврзан со функцијата тренер во Наполи, денеска се појавија информации дека искусниот специјалист ја прифатил понудата на претседателот Аурелио де Лаурентис и ќе ги предводи „небесносините“ по крајот на сезоната.
Поранешниот тренер на Баерн Минхен имал неколку телефонски разговори со претседателот на тимот од Неапол, во кои ги договарал личните услови.
Изданието „CalcioNapoli24“ оди уште подалеку, откако тврди дека Карло ќе го потпише својот договор со Наполи во наредните денови. Анчелоти, според медиумот, бил восхитен од проектот во клубот и набрзина се согласил да го преземе тимот.
Ова сигурно значи дека актуелниот тренер, Маурицио Сари, ќе ја продолжи со својата кариера во друг тим. Италијанскиот специјалист е поврзан со позициите во Челзи и Монако.