Долгодишниот челник на загребскиот клуб Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, кому му се суди за проневера од околу 15 милиони евра, сам се инкриминирал на суд.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, Мамиќ на судењето дошол со многу документи, меѓу кои се најде и оној со упатство за Дејан Ловрен како да сведочи.

Ловрен својот исказ го даде на 1. септември, а тогаш рече дека на Мамиќ му позајмил пари кои ги добил од трансферот од Динамо во Лион во 2010. година.

Одбраната на Мамиќ побарала документот да се повлече од записникот зашто таму се нашла „грешка“ и оти тоа се обични „белешки“.

Меѓутоа, обвинителите тврдат дека на документот јасно се гледаат упатства за Ловрен како да сведочи зашто таму пишувало: „На евентуално прашање од УСКОК“, по што е наведен одговор.

Судот веќе покрена кривична постапка против Мамиќ поради сомнение дека на лажно судење го наведувал и ѕвездата на Реал Мадрид, Лука Модриќ.

Мамиќ на минатото рочиште беше исфрлен од судницата зашто му викал на судијата и се закануваше оти ќе изврши самоубиство ако биде прогласен за виновен.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2018 14:15