Атлетико Мадрид по трет пат во својата историја ја освои Лига Европа, откако синоќа во Лион го совлада Олимпик Марсеј со 3:0 во финалето на вториот по престиж турнир на Стариот континент.

„Јорганџиите“ триумфираа повторно во трката по успесите во 2010 и 2012 година.

Во голем херој за тимот од Мадрид се претвори Антоан Гризман. Французинот постигна два гола, додека капитенот Габи додаде уште еден.

Атлетико повторно беше без својот тренер Диего Симеоне. Аргентинскиот специјалист е казнет по неговите жестоки реакции во првиот полуфинален натпревар против Арсенал и ги гледаше дуелите од ложата.

Од друга страна, Марсеј губи трето финале во Европа по 1999 година од Парма (0:3) за Купот на УЕФА и 2004 година од Валенсија (0:2) на истиот турнир.

Тие не успеаја да станат првиот француски победник на турнирот, додека „јорганџиите“ запишаа прва победа во Франција по 57 години и повторно триумфира на европската арена по два порази во финалето на Лигата на шампионите од градскиот ривал Реал.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2018 13:17