Шкендија го освои Купот на Македонија откако во финалето со убедливи 3:0 го совлада бранителот на трофејот Пелистер.

Новиот шампион Шкендија ја оправда фаворитската позиција во натпреварот што се играше во тешки услови поради поројниот дожд во Струмица и стигна до двојна круна сезонава, а Пелистер следната сезона се сели во Втората лига.

Тимот од Тетово доминираше на теренот во текот на целиот натпревар, а Висар Муслиу во 20-та минута и донесе водство на Шкенија од 1:0. Берсат Ибраими во 52 минута ја зголеми предноста на 2:0. Во 72 минута Муслиу со својот втор гол зголеми на убедливи 3:0.

Натпреварот во Струмица се играше пред само околу 2.500 гледачи на трибините на стадионот „Младост“, кој е со капацитет од 8.000 места.

Силниот дожд, што паѓаше уште почетокот на натпреварот, е една од причините што имаше толку малку публика.

Натпреварот помина и во атмосфера на некоректно навивање на двата навивачки табори, кои се „препукуваа“ на етничка основа.

Инаку при интонирање на македонската химна од трибината каде што беа сместени навивачи на Шкендија се слушаа свирежи.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2018 02:04