Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди е на врвот на листата на желби на Челзи, кој е подготвен да издвои 40 милиони евра за негово привлекување во тимот и во Милано да го испрати Алваро Мората, објавија италијанските медиуми.
Мората пристигна во Челзи оваа година и постигна вкупно 15 гола, но во вториот дел од сезоната тој беше надвор од форма и големи се шансите да го напушти клубот, за разлика од Икарди кој постојано ги тресеше противничките мрежи.
Шпанецот веќе разговарал со раководстото на Јувентус, Милан го сака, но тој на крајот може да се пресели на „Џузепе Меаца“.
Откупната клаузула на Икарди од 110 милиони евра истекува на 15 јули, но во лондонскиот клуб веруваат дека ќе можат да поминат поевтино.
Весникот „Ил Месаџеро“, исто така, вели дека жената на Мората е моден блогер од Италија, кое, покрај играњето во Лигата на шампионите следната сезона, е мотив повеќе да се преселат заедно во градот на модата за следната сезона.