Гласините околу евентуалниот трансфер на Антоан Гризман од Атлетико Мадрид се најинтересни во овој период, особено ако се има предвид фактот дека за францускиот фудбалер интерес пројави Барселона, а од друга страна тој се уште не може да донесе одлука дали да остане или да го напушти сегашниот клуб.
Гризман сезонава постигна 29 гола за Атлетико во сите натпреварувања и е еден од најзаслужните за освојувањето на Лига Европа, откако во финалето против Олимпик Марсеј постигна два од трите гола.
Барселона е подготвена да ја активира откупната клаузула од 100 милиони евра, додека Атлетико за да го задржи во тимот му нуди 20 милиони евра годишна плата.
Дополнителна неизвесност внесува и неодлучноста на францускиот фудбалер, кој изјави дека во следниот период ќе соопшти каде ќе ја продолжи кариерата.
- Дефинитивно пред почетокот на Светското првенство ќе ги откријам плановите околу мојата иднина, истакна Гризман по синоќешниот натпревар меѓу Франција и Италија во Ница.
Франција ја совлада Италија со 3:1, а Гризман го постигна вториот гол за својот тим од пенал во 29 минута.