Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, уште еднаш ја повтори заложбата на федерацијата за грижа кон најмладите.
- Децата се наша иднина. Би сакал да видам голем број од овие млади дечиња како еден ден сериозно се занимаваат со фудбал. Единственото нешто за кое децата размислуваа на финалниот турнир од ФФМ - Детската лига е како да дојдат до топка и како да играат фудбал, а нашата федерација секогаш ќе се труди да вложува во ваков тип на турнири. Вложувањето во младоста ќе ни донесе нови фудбалски успеси во иднина. Се надевам и верувам дека еден ден барем неколкумина од овие деца ќе бидат кандидати за репрезентацијата на Македонија, изјави Ѓорѓиоски.
Викендот што помина на терените на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на финалниот турнир од ФФМ Детски лиги - сезона 2017/2018 учествуваа 48 екипи кои се натпреваруваа во шест возрасни категории - генерација играчи родени 2005. 2006. 2007. 2008. 2009. и 2010.
Во секоја од овие генерации се натпреваруваа по осум екипи. Повеќе од 1000 деца од седум региони во државата беа присутни на завршниот турнир на ФФМ – Детска лига.