Реал Мадрид доживеа уште еден неуспех во потрагата по нов тренер. Според шпанските и италијанските медиуми, менаџерот на Челзи, Антонио Конте цврсто им кажал „не“, а како главен мотив ја посочил желбата да го испочитува договорот со тимот од Лондон.

Вчера започнаа првите гласини, кои почнаа да го поврзуваат стратегот на „сините“ со „кралскиот“ клуб. На „Сантијаго Бернабеу“ имаат желба што побрзо да најдат нов тренер по оставката на Зинедин Зидан.

Во овој поглед, еден од директорите во Реал вчера остварил телефонски разговор со Конте, чија иднина на „Стемфорд Бриџ“ не е многу сигурна. Шефот на „Лос Меренгес“ го прашал од италијанскиот тактичар дали е заинтересиран да го предводи најуспешниот клуб во Лигата на шампионите.

Конте одбил поради неговата желба да го заврши неговиот договор со Челзи.

Италијанецот сепак се соочува пред можноста да биде отпуштен од клубот, но според договорот овој потег значи и казна во износ од 10 милиони евра.

Челзи продолжува да преговара со Маурицио Сари. Поранешниот тренер на Наполи е фаворит да ги преземе обврските на својот сонародник.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2018 12:17