Вардар денеска почна со летните подготовки, при што главен акцент ќе биде ставен на квалификациите за Лига Европа, кои според распоредот ова лето стартуваат кон средината на јули.
„Црвено-црните“ се собраа во тренинг кампот во Хиподром, а потоа следуваше прозивката на шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски.
- Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доверба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и за понатаму, истакна Бабунски.
Играчите на Вардар до среда ќе тренираат во Скопје, а во четврток заминуваат во Словенија. Во местото Зрече ќе останат до први јули и таму ќе одиграат седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06).