Фудбалерот на Германија, Сами Кедира смета дека светските шампиони не реагирале доволно добро на случајот со средбата на двајца репрезентативци со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој предизвика бројни дискусии.
Станува збор за Илкај Гундоган и Месут Озил, кои се вклучија во предизборната кампања на Ердоган, откако се фотографираа со него и дури го нарекоа „нашиот претседател“. Имаше повици да се отстранат двајцата од Бундестимот, но до таква екстремна мерка не дојде.
- Овој скандал се покажа како премногу голем и ефектот од него беше потценет, истакна Кедира за „Билд“.
Според фудбалерот на Јувентус, дискусијата околу случката не се намалила и тоа покажало негативно влијание врз германскиот тим, кој на крајот доживеа неуспех на Мундијалот и отпадна уште во групата.
- Јас не сум личност да коментирам како овој проблем требаше да се реши, но факт е дека скандалот никогаш не стивна. Сепак, ова не може да биде оправдување за резултатите, додаде Кедира.