Тренерот на Иран, Карлос Кеирош ненадејно упати вербален напад кон поранешниот свој фудбалер, Кристијано Роналдо. Ѕвездата на Реал Мадрид одбил да се поздрави со Кеирош, со кого беа многу блиски за време на својот престој во Манчестер Јунајтед, како и потоа во репрезентацијата на Португалија.
- Не можам да разберам некого, кој не сака да се поздрави и да ја стисне раката на тренер, кој работел во текот на 12 години за Португалската федерација. Историјата на португалскиот фудбал започна многу пред таа на Мадеира и Кристијано Роналдо. Имавме и други големи играчи, како Жозе Аугусто, Симоеш, Еузебио, Умберто Коељо. Не велам дека современите фудбалери немаат вредност, но нивните вредности не се слични на оние што биле порано. Некои луѓе кои се обидуваа да го уништат мојот личен и професионален живот, сега се соочуваат со судски пресуди, затвор и што ли уште не, изјави Кеирош.
Португалскиот стратег се пожали и на друг репрезентативец на „морепловците“ - Рикардо Кварезма. По ремито 1:1 со Иран, крилото на Бешикташ рече: „Лут сум од однесувањето на тренерот на Иран. Сепак, тој е Португалец и мораше да има повеќе почит кон нас“.
Во одговор Кеирош изјави: „Како негов сонародник, би сакал да не кажувам многу за Кварезма. Можеби некој друг тренер ќе коментира за тоа - од Спортинг до Порто. Штом бил храбар и кажал нешто за мене, нема проблем. Но, да каже дека не ги почитувам португалските играчи? Како да не ги почитувам, кога јас сум Португалец?“, праша селекторот на Иранците.
Сепак тој изрази задоволство дека некои од неговите сонародници се поздравиле со него, како Адриен Силва, Бруно Алвеш и Бето.