Реал Мадрид се уште не добил официјална понуда за својата ѕвезда Кристијано Роналдо, пренесе „Онде черо“.

Според извори на медиумот, италијанскиот шампион во моментов ја истражува можноста за купување на португалската ѕвезда, но нема конкретен предлог.

Средби се одржале помеѓу агентот на најдобриот стрелец на „белите“, Жорже Мендеш и гигантот од Италија. Менаџерот се обидувал да ги убеди „бјанконерите“ дека таквиот договор ќе биде многу профитабилен за нив.

Претходно излегоа гласини дека трансферот ќе биде финализиран наскоро, а Јуве сака да го претстави Роналдо на 7 јули. Се вели дека „Старата дама“ ќе плати 100 милиони евра на „кралскиот“ клуб и петкратниот освојувач на „Златната топка“ ќе потпише до 2022 година. Неговата годишна плата би изнесувала 30 милиони евра.

Шпекулации дека Роналдо ќе го напушти Реал има од 2017-та година, а по финалето на Лигата на шампионите оваа година, освоено од „лос меренгес“, Португалецот објасни дека е радосен дека бил дел од мадридскиот гигант. По овие негови зборови медиумите почнаа да пишуваат дека сигурно Португалецот нема да продолжи на „Бернабеу“, а името му беше поврзано со ПСЖ и Манчестер Јунајтед.

Се вели дека главната причина за да се дојде до оваа ситуација со Роналдо е неподготвеноста на шефот на актуелниот европски клупски шампион, Флорентино Перез да ја зголеми платата на ѕвездата.

Во моментов, Роналдо заработува 21 милион евра годишно. За споредба, најголемиот негов конкурент Лионел Меси од Барселона зема по 40 милиони евра, а Нејмар од ПСЖ добива по 37 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 15:38