Поголемиот дел од фановите на Реал Мадрид дефинитивно претпочитаат Килијан Мбапе да биде новата голема ѕвезда на тимот, наместо Нејмар. Барем така вели анкетата на веб-страницата на весникот „АС“.
Како што е познато, „кралскиот“ клуб е поврзуван и со двајцата фудбалери на ПСЖ, кои во моментов се со своите репрезентации на Светското Првенство и имаат сериозен придонес во нивниот пласман во четвртфиналето.
Но додека Мбапе ги инспирира навивачите на Франција со извонредната брзина, Бразилецот дава и прилики да биде критикуван поради честите симулации при дуелите.
Можеби токму тоа е во основата и на резултатот во анкетата на шпанското издание, според кој 89,5 отсто од учесниците гласаа за младиот француски репрезентативец пред поранешниот напаѓач на Барселона. Вкупниот број на учесници не е мал - над 180.000, што исто така треба да се земе во предвид.
Мбапе покажа одлична игра против Аргентина со два гола и освоен пенал при успехот со 4:3 и сега се надева на слично претставување и против Уругвај денеска од 16 часот.
Нејмар и компанија пак ќе имаат тешка задача против Белгија во вечерниот термин.