Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи, во пресрет на утрешниот дуел со ТНС во 1.коло од квалификациите во Лигата на шампионите, посака триумф без примен гол.

-Подготвени го дочекуваме натпреварот и оптимист сум според прикажаното во подготвителниот период на тренинзите и на контролните натпревари. Не очекува меч со противник кој има доста искуство во евро-куповите и затоа го респектирам нашиот ривал. Никако не смееме да се опуштиме. Би сакал да победиме со што поголема разлика без примен гол, рече Османи на денешната прес-конференција.

Македонскиот шампион ќе биде без еден од најдобрите во мината сезона, репрезентативецот Ферхан Хасани, чии место во тимот ќе го заземе Емини. Што се однесува до здравствениот билтен, тренерот кажа дека Бесарт Ибраими има мала повреда, но многу веројатно ќе му биде на располагање.

Нов капитен на тетовци ќе биде Арменд Алими.

-Да се носи капитенската лента на Шкендија е чест. Секој од моите колеги заслужува да ја носи. Во име на сите играчи можам да ветам максимална борбеност, истакна Алими.

Натпреварот Шкендија – ТНС ќе се игра утревечер од 20 часот на „Филип Втори“ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 14:22