Кристиано Роналдо по девет години минати во Реал Мадрид преминува во Јувентус во трансфер вреден 105 милиони евра.
Роналдо по официјализирањето на трансферот објави проштално писмо.
- Годините поминати во Реал и Мадрид се веројатно најсреќниот период во мојот живот. Сакам да му се заблагодарам на клуб и целиот град за љубовта и вниманието кое ми го пружија. Меѓутоа, дојде време за ново поглавје во мојот живот и затоа побарав од клубот да го прифати моето барање за трансфер. Ги молам сите да имаат разбирање за мојот потег. Поминав девет посебни години овде, но истовремено и тешки, бидејќи барањата на Реал секогаш се максимални, наведува Роналдо.
Тој во писмото им се обраќа и на соиграчите од мадридскиот клуб.
- Имав врвни соиграчи, а атмосферата на теренот и во соблекувалната беше одлична. Заедно освоивме четири титули во Лигата на шампионите. Благодарение на нив четири пати бев најдобар играч во светот, а трипати најдобар стрелец, потенцира фудбалерот.
Роналдо дојде во Реал во 2009 година од Манчестер Јунајтед.
- Реал Мадрид секогаш ќе остане во моето срце и сакам да им се заблагодарам на сите во клубот - претседателот, директорот, соиграчите, тренерите, лекарите, физиотерапевтите и на сите останати соработници. Сакам да им се заблагодарам на навивачите и воопшто на шпанскиот фудбал. Го напуштам Реал, но овој дрес и овој стадион секогаш ќе ги сметам за свои, стои во писмото на Роналдо.
Тој е најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид со 451 гол на 438 натпревари.