Македонскиот шампион Шкендија со високи 5:0 го совлада велшки ТНС на првиот натпревар од квалификациите во Лигата на шампионите, што се одигра вечерва во Скопје.

Шкендија уште во 14-та минута од средбата со голот на Изаир Емини дојде до предност од 1:0. Во 38-та минута Бесарт Ибраими прецизно шутираше од 15-тина метри и ја зголеми предноста на 2:0, резултат со кој се замина на полувремето. Ибраими во второто полувреме за 13-тина минути постигна уште три гола и ја зголеми предноста на 5:0. Во 53-та минута беше прецизен за водство од три гола разлика, во 60-та минута погоди од слободен удар за 4:0 и шест минути подоцна го постигна неговиот четврти гол на натпреварот за конечните 5:0.

Поради тоа што истовремено со натпреварот во Скопје се играше полуфиналето на СП, натпреварот беше со слабата посетеност. На трибините беа присутни околу две илјади гледачи, додека околу „Телеком Арена“ можеше да се забележи силно полициско обезбедување.

Реваншот во Велс е закажан на 17 јули со почеток од 20 часот.

Шкендија доколку го помине ова коло во следното ќе се сретне со подобриот од двомечот помеѓу Торпедо Кутаиши (Грузија) и Шериф Тираспол (Молдавија).



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 02:41