Тренерот на ФК Вардар, Бобан Бабунски на прес-конференција пред гостувањето на Пјуник како дел од квалификациите за Лигата на Европа, го анализираше утрешниот противник и соопшти дека „црвено-црните“ ги очекува тежок натпревар.
- Пјуник на секоја позиција поседува квалитетни играчи и имаат искусни фудбалери кои играле многу вакви натпревари. Играат цврсто во одбраната и не очекува тешка задача тука во Ереван. Влегуваме со максимален респект кон нашиот противник, но ние ќе ја форсираме нашата офанзивна игра, изјави Бабунски денеска на стадионот „Вазген Саргсјан“ во Ереван.
Тренерот на скопскиот тим е задоволен од подготовките и од новите играчи. Тој изрази надеж дека вардарци ќе го повторат ланскиот успех во второто по важност европско клупско натпреварување.
- Имавме одлични подготовки изминатиот период. Имаме неколку нови играчи кои одлично се вклопија. Се надевам дека играчите ќе ја покажат својата желба за победа. Минатата сезона беше првпат наша екипа да игра во групната фаза од едно европско натпреварување, и нормално дека посакуваме да го повториме тој успех. Никогаш не се знае. Секогаш постојат изненадувања, и постојат екипи кои што во секој момент можат да покажат квалитет и да направат успех во Европа, додаде тренерот.
Офанзивниот фудбалер на Вардар, Тигран Барсегјан, кој е добро познат на ерменската јавност со настапите во националниот тим, додаде дека тимот ќе даде се од себе за да забележи победа.
- Јас сум професионалец, и сигурно ќе сакам да победи мојата екипа. Имам пријатели во Пјуник, со некои фудбалери се познавам, меѓутоа на теренот кога ќе почне мечот нема пријателство. И тие како и јас ќе дадат се од себе да победат. Се надевам дека утре Вардар ќе биде подобар, и дека ќе извлечеме добар резултат пред реваншот на домашен терен, изјави Ерменецот.