Еден гол, и тоа постигнат со доза на многу среќа, беше доволен Пјуник да го совлада Вардар на стартот од Лигата на Европа. „Црвено-црните“ имаа почеток на натпреварот со многу осцилации во играта, а како одминуваше времето, ја превзеде доминацијата, но, за жал, не беше крунисана со гол. Победникот беше решен во 28. минута кога Коната само постави нога на ударот на неговиот соиграч, а топката го смени правецот и го измами Гачевски. Барсегјан имаше добри шанси за израмнување, но не успеа, па за седум дена на реваншот во Скопје, Вардарци ќе мора да бркаат негатива од еден гол.

Почеток на натпреварот со иницијатива на Пјуник кој што имаше два опасни шута по голот на Гачевски во првите минути од средбата. Уште во 2. минута шутот на Аветисјан го одбрани Гачевски, а во 6. минута Војнов ја погоди стативата од голот на Гачевски кој што во оваа ситуација успеа и да одбрани.

Првиот обид Вардарци го имаа во 12. минута преку Битанг кој што упати безопасен удар кој беше одбранет од Кобозев.

Водството на Пјуник стигна во 28. минута. Среќно ерменскиот тим се стекна со предност откако по ударот на Војнов, Конате постави нога и го смени правецот на топката, која го измами Гачевски. Пред крајот на првиот дел шанса имаше Лира кој што одкосо од десно шутираше само крај голот на противникот. Вардарци уште на стартот од вториот дел ја презедоа иницијативата со цел да дојдат до израмнување. Шанса за такво нешто имаше Барсегјан кој што во 50. минута шутираше незгодно, но голманот Кобозев одбрани. Нешто подоцна Барсегјан се најде во добра позиција, но наместо да шутира се реши да направи потег повеќе, и шансата пропадна. Повторно Барсегјан имаше прилика во 64. минута од слободен удар, но топката заврши над голот. Во 82. минута шанса за Попов по нафрлена топка од корнер, меѓутоа неговиот обид од десетина метри оди само над голот. Пјуник во вториот дел не дојде до ниту една можност за гол.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2018 02:08