Шкупи со пораз од 2:0 на гостувањето кај Глазгов ренџерс го започна воведното квалификациско коло за Лига Европа.

Пред повеќе од 50.000 гледачи тимот на Стивен Џерард го искористи домашниот терен и поведе со голот на Џејми Марфи во 23-та минута.

Ренџерс во финишот на натпреварот со гол од пенал ја зголемија предноста на 2:0. Пеналот во 92-та минута успешно го реализираше Џејмс Таверние.

Освен во првите дваесетина минути, фудбалерите на Шкупи не успеаја посериозно да се заканат на голот на домаќините во текот на целиот натпревар. Во 14-та минута македонскиот тим можеше прв да поведе, но Благоја Љамчевски беше непрецизен и ја погоди стативата од противничкиот гол.

Во останатиот дел Ренџерс ја имаа иницијативата и контролата на теренот.

За легендарниот Стивен Џерард овој натпревар беше официјално деби на клупата на шкотската екипа.

Реваншот се игра во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2018 10:33