Играчот од средниот ред, Хамес Родригез сака да се врати во Реал Мадрид, пренесе „Марка“ на својата прва страница. Дваесет и седумгодишниот колумбиски репрезентативец постигна 8 гола и 14 асистенции на 39 натпревари како отстапен во германскиот фудбалски шампион Баерн. Договорот помеѓу двата клуба за изнајмување е до летото 2019 година и има клаузула за откуп за 40 милиони евра, која баварците имаат намера да ја искористат. Но, по промената на тренерот на Реал Мадрид минатиот месец, новиот ментор Хулен Лопетиги сака да го врати Хамес во „Сантијаго Бернабеу“, а самиот играч исто така изрази желба за тоа. Играчот од средниот ред забележа две асистенции во три дуели за Колумбија на Светското првенство 2018, но го пропушти поразот на пенали од Англија во осминафиналето.