Кристијано Роналдо го потпиша договорот со Јувентус и денеска официјално беше претставен во италијанскиот клуб. Фудбалерот на промоција имаше само пофални зборови за својот нов клуб и објасни зошто го избрал токму италијанскиот првак.

- Не е лесно да се одговори зошто ја донесов оваа долука. Јувентус е еден од најдобрите клубови во светот. Добро размислив, пријателите и колегите ме советуваа дека станува збор за најголемиот клуб во Италија. На крајот одлуката не беше лесна, но го сакам фудбалот и сакам предизвици. Ова е нов предизвик во мојата кариера, другите фудбалери се одлучуваат за Кина, Катар или САД, но јас се одлучив за Јувентус, истакна Роналдо.

Тој се надева дека ќе биде среќна ѕвезда за Јувентус и ќе го донесе првиот трофеј во Лигата на шампиони за италијанскиот клуб.

- Знам дека титулата во Лигата на шампиони е она што секој тим го посакува. Не е лесно да се освои овој трофеј, но ќе му помогнам на Јувентус да дојде до него. Се надевам дека ќе бидам среќна ѕвезда за Јувентус, наведе Роналдо.

Португалскиот фудбалер со Јувентус потпиша четиригодишен договор во висина од 112 милиони евра.

Илјадници навивачи му посакаа добредојде во Торино, уште кога тој утрово дојде на лекарски прегледи.

Роналдо повторно ќе го носи дресот со број седум, откако му го отстапи Хуан Квадрадо.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 01:45