„Јувентус“ направи голем трансфер ова лето, откако го привлече петкратниот освојувач на „Златната топка“, Кристијано Роналдо.

Овој трансфер „старата дама“ ќе ја чини повеќе од 200 милиони евра, но менаџментот веќе има разработено план како да ги врати.

Првата точка од овој план е продажбата на дресови за новата сезона. Од секој продаден дрес, во касата на клубот влегуваат 20 отсто, а „бјанконерите“ веќе го распродадоа првиот дел од дресовите со името на CR7, пуштени во продажба.

Исто така, се очекува да има зголемување од 30 отсто во внатрешните операции на клубот за следната сезона. Се проценува дека тоа ќе донесе 22 до 25 милиони евра во рамките на кампањата.

Веќе се пишуваше за ефектот врз акциите на клубот на берзата. Тие скокнаа до 0,9 евра по акција на денот на потпишувањето на Роналдо, за да се стабилизираат на 0,8 евра колку што изнесуваат во моментов. Ова е пораст од повеќе од 30 отсто во споредба со периодот пред шпекулациите за трансферот на Португалецот.

Сепак, најголем пораст на приходите се очекува од сезонските билети. Минатата година во касата влегоа 25,7 милиони евра од продажѓба на билети, но сега се очекува сумата да се зголеми до 71 милиони евра.

Се очекува „старата дама“ повторно да преговара и за своите спонзорски договори, а од главните спонзори се очекува да дадат повисок удел за наредните четири години.

Исто така, се очекува тимот да има поголемо влијание на социјалните мрежи поради ефектот „Роналдо“. Само по потпишувањето следбениците на Јуве на социјалните мрежи досега се зголемија за 1,4 милиони луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 11:17