Новиот тренер на Челзи, Маурицио Сари, вети дека напорно ќе работи со тимот, но додаде дека за првпат во кариерата резултатот не му е во прв план.
- Во овој период мораме да работиме напорно. Првпат мислам дека резултатот не е толку важен. Мораме да го дадеме максимумот. Освен напорна работа не можам да ветам ништо друго, а секако посакувам да освојам нешто со Челзи, истакна Сари.
Искусниот италијански стручњак потпиша тригодишен договор со лондонскиот клуб, откако претходно беше отпуштен неговиот сонародник Антонио Конте.
- Челзи е добар тим, но проблемот е што во Англија постојат уште пет или шест многу добри екипи. Со една или две измени можеме да се обидеме да играме фудбал каков што јас сакам. Сите најзначајни европски тренери во моментов се наоѓаат во Премиер лигата, така што ќе биде интересно да се игра против Клоп, Покетино, Гвардиола, Мурињо и останатите, наведе италијанскиот стручњак.
Сари во Челзи дојде од Наполи, каде претходно помина три сезони.