Фудбалската федерација на Македонија ќе добие нови, вонредни средства од УЕФА во висина од еден милион евра за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија.

На денешната прес - конференција за укажаната доверба од УЕФА и за новите проекти од стратешкиот план на федерацијата говореше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

- Денеска официјално можеме да потврдиме дека ФФМ со помош на УЕФА е способна институција да ги поддржи важните идни проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории, кои се во нашиот фокус и согласно стратешкиот план на федерацијата. Со гордост можам да најавам дека благодарение на реализираните проекти, УЕФА ни доделува нови, вонредни средства од „Хет Трик“ програмата во висина од еден милион евра, изјави Поповски.

Потенцираше дека и новите средства федерацијата ќе ги искористи за подобрување на инфраструктурата на стадионите, а една од можностите со новиот „Хет Трик“ е доизградба на главниот стадион на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

- И овие, како и добиените средства од минатите „Хет-трик“ програми на УЕФА, како Федерација ќе ги насочиме кон подобрување на фудбалската инфраструктура, а со новиот „Хет-Трик 5“ една од можностите е комплетна доградба на главниот стадион во комплексот „Петар Милошевски“ и можноста да создадеме услови и нашата А репрезентација да игра дел од натпреварите на стадион во нашиот комлекс. Ние сме благодарни што УЕФА одново ја препозна нашата желба и подготвеност да реализираме нови проекти.Убеден сум дека повторно ќе ја оправдаме довербата која е многу значајна не само за ФФМ, туку и за националните селекции, клубовите во Македонија, Академијата и тренерската струка, изјави Поповски.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 14:17