Бразилецот Виничиус Жуниор изјави дека доаѓа во најголемиот клуб во светот, откако беше претставен официјално како играч на Реал Мадрид. Осумнаесетгодишниот талент беше купен уште пред неколку месеци од Фламенго, откако за него „белите“ платија 45 милиони евра. Во тоа време тој не можеше да дојде во Шпанија, бидејќи не беше полнолетен, но сега тоа веќе е факт. По традиција Виничиус се фотографираше со 13-те трофеи од европските натпреварувања, заработени од кралскиот клуб, по што се појави и пред медиумите, заедно со својот татко, своите агенти, легендата Роналдо Назарио, кој е негов кум и се разбира претседателот Флорентино Перез. - Ова е најубавата шанса што еден фудбалер може да ја добие. Подготвен сум да положам многу напор за да ја користам оваа можност. Доаѓам од скромно семејство, па сум подготвен цврсто да работам. Имав можност да бирам меѓу големи клубови и го избрав најголемиот. Ќе покажам на тренерот дека иако имам 18 години, јас сум подготвен да играм, изјави Виничиус. Тој му се заблагодари на претседателот и раководството за довербата и додаде дека адаптацијата нема да биде лесна, но ќе направи сé што треба за да биде се во ред. Традиционално по официјалниот дел Бразилецот се појави во дрес на теренот, каде што покажа некои од своите вештини со топката пред неколку илјади фанови на „белите“, кои дојдоа да го поздрават.