Голманот Каспер Шмајхел останува во Лестер, иако во изминатиот период чести беа гласините за негово заминување.

Тренерот на Лестер, Клод Пуел, потврди дека за данскиот репрезентативец не добиле понуди, но и дека доаѓањето на новиот голман Дени Ворд од Ливерпул не значи и автоматско заминување на Шмајхел.

- Каспер е многу значаен играч за нас. Имаше добри настапи на Светското првенство. Потребен ни е поради неговиот карактер, конзистентноста и одбраните. Имаше доста гласини во изминатиот период, но тоа е нормално. Ворд дојде за да се зголемат потенцијалите и конкуренцијата во тимот. Добро е кога во тимот имате играчи кои меѓусебно се натпреваруваат, истакна Пуел.

Освен Ворд во летниот период во Лестер дојдоа и Џејмс Медисон од Норич, Рикардо Переира од Порто и Џони Еванс од ВБА.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2018 18:56