Џон Тери во моментов е на одмор со семејството и нема намера да се откаже од фудбалот, објави фудбалерот на Инстаграм.
Искусниот Англичанец ја напушти Астон Вила минатата сезона, бидејќи клубот од Бирмингем не успеа да влезе во Премиер Лигата. Тогаш се шпекулираше дека 37-годишниот ќе се пензионира, но лично тој дури сега проговори во врска со тоа.
- Само да потврдам дека не отидов во пензија. Во моментов уживам на одмор со моето семејство и ги разгледувам сите опции, напиша Тери под фотографијата.
Најголемиот дел од својата богата кариера дефанзивецот ја има поминато во Челзи, каде ја носеше капитенската лента и освои 17 трофеи, вклучувајќи ја петпати Премиер лигата, по еднаш освојување на Лигата на шампионите и Лига Европа.
Во 2000 година, Тери играше како позајмен во Нотингем Форест, додека лани се пресели во Астон Вила. Тој има одиграно 78 натпревари за репрезентацијата на Англија и постигна шест голови.