Тренерот на македонскиот фудбалски шампион Шкендија, Ќатип Османи на прес-конференцијата пред дуелот утревечер со молдавски Шериф од Тираспол во првиот меч од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите изјави дека лошата игра на тетовци во Велс нема да се повтори. Тој сподели дека неговите фудбалери ја повратиле самодовербата пред пресметката со Молдавците. - По поразот од ТНС во Велс, разговаравме со екипата и намерата ни беше да ја вратиме самодовербата. Извлековме некои поуки од тој меч во Велс. Клучно беше што влеговме опуштени по триумфот од 5:0 во Скопје, и тоа не чинеше. Тоа не смее да се повтори. Јас сум сигурен дека во иднина нема повеќе да имаме вакви изданија, изјави Османи. Тој потоа го проанализира утрешниот противник. - Мислам дека Шкендија е подготвена за утрешниот меч. Шериф е квалитетен тим, се работи за состав кој знае да игра фудбал, но верувам дека без оглед на сè, Шкендија ќе направи сè за да го помине Шериф, изјави Османи. Тренерот додаде и дека на место на повредениот Радески ќе игра Ремзифаик Селмани. Шкендија првиот дуел од 2. квалификациско коло во ЛШ против Шериф Тираспол го игра утре на Градскиот стадион во Скопје, со почеток од 20:15 часот. Доколку го минат Шериф, тетовскиот тим во наредното коло ќе се соочат со Салцбург (Австрија)



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 13:26