Светската фудбалска федерација ФИФА ги објави имињата на тренерите, кои се номинирани за освојување на престижната награда „Тренер на годината“ за 2018 година.
Очекувано на листата има петмина селектори кои постигнаа забележителни резултати со своите репрезентации на неодамна завршеното Светското првенство во Русија.
Меѓу нив се финалистите од Мундијалот - Дидје Дешамп, селекторот на Франција која стана светски првак, и селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, со кого репрезентацијата го освои второто место и го постигна најголемиот успех во својата историја.
Меѓу предложените се и Роберто Мартинез, кој со Белгија го освои третото место на Мундијалот, Герет Саутгејт, кој ја однесе Англија до полуфинале првпат по 28 години, како и селекторот на домаќинот Станислав Черчесов, кој неочекувано со Русија стигна до четвртфиналето.
Меѓу останатите номинирани се Масимилијано Алегри од Јувентус, Пеп Гвардиола од Манчестер Сити, Јирген Клоп од Ливерпул, Диего Симеоне од Атлетико Мадрид, Ернесто Валверде од Барселона и Зинедин Зидан, кој со Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите, но потоа даде отказ и сега е без ангажман.
Наградата на специјална церемонија ќе биде доделена кон крајот на годината.