Тимот на Манчестер Јунајтед е подготвен да го продаде Антони Марсијал, но само под еден услов. „Црвените ѓаволи“ сакаат да го привлечат Иван Перишиќ од Интер пред да му дозволат на францускиот напаѓач да премине во друг тим, тврди „Мирор“. Од Јунајтед инсистираат да добијат барем 70 милиони фунти за 22-годишниот играч и преферираат тој да заигра во странски клуб и покрај интересот на Челзи и Тотенхем. ПСЖ и Баерн Минхен исто така се опции за Марсијал, при што се смета дека тој е согласен да премине во парискиот клуб, каде ќе биде поблиску до својата партнерка и штотуку родената ќеркичка. Со напредокот на трансфер прозорецот од англискиот тим сакаат прво да си обезбедат заменик на Французинот и тогаш да го продадат. Крилото Иван Перишиќ е на прво место на листата на Жозе Мурињо за оваа намена. Јунајтед веќе се обиде да го привлече минатото лето, а по силното Светско првенство, цената на Хрватот ќе се покачи уште повеќе.