Бразилскиот фудбалер Малком Филипе Силва де Оливеира, чиј трансфер од Бордо во Барселона предизвика скандал и лавина од критики, изјави дека отсекогаш сакал да игра за каталонскиот клуб и затоа ја сменил одлуката.

Во понеделникот Бордо и Рома постигнаа договор за трансфер вреден 36 милиони евра, но Барселона во последен час успеа да го наговори 21-годишниот бразилски фудбалер и да го доведе во своите редови за сума од 41 милион евра.

Иако навивачите на Рома го чекаа Малком на аеродромот, тој замина за Шпанија и ја прифати повисоката понуда.

- Отсекогаш сакав да играм за Барселона. Бев смирен во текот на целиот период, а моите менаџери ја контролираа ситуацијата. Ми се пружи шанса да играм за Барселона и среќен сум што ќе бидам дел од ваков тим. Со доаѓањето тука ми се оствари детскиот сон, истакна Малком.

Тој минатата сезона за Бордо постигна 12 голови, а освен Рома за него интерес пројавија и Манчестер јунајтед, Арсенал, Тотенхем и ПСЖ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2018 15:44